Пред нешто повеќе од еден месец беше распишан првиот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине“, за избор на домашна компанија, производител на слатко, која сака да работи на подобрување на идентитетот на своите производи и креирање на препознатлив бренд на пазарот. Станува збор за Движење чија основа цел е поттикнување млади кадри и поврзување на млади и креативни кадри со претприемаштво, а фондот кој ова Движење го одвојува за поддршка на ваквите проекти е 200.000 денари. За целите и активностите на Движењето, разговараме со иницијаторот на движењето и директор на Имиџ ПР, Ангелка Пеева Лауренчиќ.
За визионерството и уникатниот пристап на Агенцијата за односи со јавност и комуникациски менаџмент Имиџ ПР зборува самиот факт што оваа агенција е пионер во воведување на секторот односи со јавност во Македонија во услови кога ваквиот термин се уште не и беше до крај познат во македонската јавност. Денес, ваквата улога што оваа агенција ја наметна во општествениот живот, ја потврдува уште еднаш, со неодамнешното ангажирање на луѓето од Агенцијата во формирање на Движењето за поддршка на креативноста кај младите „Браво сине“, во чест на маркетиншката икона Иво Лауренчиќ, како спомен за неговата посветеност во креативниот сектор, заедно со неколку други подржувачи на неговото дело од деловниот, културниот и креативниот сектор од земјава. За целта, активностите, проекти и замислите на ова Движење, зборуваме со директорот на Имиџ ПР, Ангелка Пеева Лауренчиќ.
За прв пат оваа година започнува проектот за поддршка на младите креативци преку брендирање на автентични национални производи. Која е целта на ова движење?
Идејата за основање на ова Движење за поддршка на креативноста е продолжување на мисијата и визијата што Иво Лауренчиќ ја имаше за време на својот живот, а тоа е да ги поддржува младите во нивниот креативен труд и исто тоа да го направи применливо за компаниите. Значи, да постои едно поврзување помеѓу креативното, убавото и производот. Кога тие работи меѓу себе ќе се поврзат ќе се добие она што честопати е тема на дискусија кај нас- бренд, односно производ со идентитет. Основната идеја на Движењето е да се вреднува креативната идеја, креативниот труд, да се даде шанса на младите креативци, затоа што Македонија е земја на креативни луѓе. Ние не заостануваме ниту малку зад она што значи светски тренд, но се чини дека многу малку од тие млади креативци имаат шанса да го покажат својот креативен потенцијал. Но, тоа е едната страна на медалот. Другата страна на медалот се македонските производи. Глобализацијата, само по себе сака да наметне глобални брендови да го укрупни тој глобален пазар и да навлезе во сите пори од секојдневието. Прашање е колку националните економии се подготвени да го издржат тој притисок, па така ние сметаме дека единствениот излез од комплетното глобализирање треба да се бара во креирањето автентични национални брендови, кои што ќе бидат во емотивна врска со своите потрошувачи на националниот пазар и ќе останат подолго време нивен прв избор, кога се работи за одлука кој производ да се купи. Значи, идејата е да се подобри нивната конкурентност, со тоа што ќе имаат подобар изглед и ќе се смени перцепцијата кај потрошувачите. Така имаме двоен ефект, во економска смисла тие се поконкурентни како производи, но исто така нашата идеја е преку подигнувањето на свеста да ја смениме и навиката на потрошувачите- да знаат што купуваат и при изборот да размислуваат дека не само увозните производи кои ги гледаме со силен адвертајзинг, туку дека и домашните производи нудат добар квалитет и добра препознатливост. Оти основата за еден бренд е да биде препознатлив, не само да биде добар производ. Затоа сакаме дизајнот и убавото да го направиме во функција на економскиот развој на македонската економија, посебно на малите компании. Овој проект е една капка во море. Ова е само предизвикувачки момент за сите чинители во економскиот аспект во развој на државата да размислат во кој правец ќе ја движиме нашата економија особено кога се работи за развој на финалниот производ. Затоа што ние имаме производи но немаме додадена вредност.
Неодамна имавте конкурс за изготвување на креативно преставување на македонското слатко со автентичен бренд. Колкава беше заинтересираност на конкурсот?
Самиот проект има неколку фази. Првата фаза беше да се избере тема на работа за креативен потенцијал и во исто време да се избере производ или услуга која што е доволно автентична и има приказна во себе, и управниот одбор одлучи првата година да ја посветиме на македонското слатко. Слаткото не е само придобивка на овој дел од земјата, затоа што цел Балкан живее со таа традиција, но ние како Македонци имаме длабока традиција во приготвување на слатко. He така одамна, можеби новите генерации не се сеќаваат, но вистинско добредојде во секој дом беше изразувано со домашно слатко и чаша ладна вода. Што сега е речиси напуштена традиција. Но без исклучок, тоа значеше срдечно добредојде. Оттука изборот и токму македонското слатко да биде производот со кој ќе го отвориме ова Движење- со слаткото да порачаме добредојде. Вториот чекор е да обезбедиме доволен инпут за тоа колку македонски компании се занимаваат со оваа дејност. Колку производството на македонско слатко е развиено во Македонија, колку има пазар за тоа, колку останува кај нас, дали тие компании се организирани на одреден начин и слично. Дојдовме во контакт со македонската асоцијација на преработувачи која што во својот сегмент се бави токму со компаниите од конзервната индустрија и нивната заштита на интересите и промоција каде што спаѓа и слаткото како производ. Потоа ги утврдивме критериумите за аплицирање од страна на компаниите и притоа се осврнавме на неколку важни сегменти. Првиот и многу важен сегмент е да се работи за компанија со доминантно домашен капитал. Во портфолиото на производи да има варијации од повеќе типови на слатко. Трето, суровината што се произведува за производство на тоа стакло повторно да биде од домашно потекло. Можеби не 100%, но поголемиот дел да биде од домашно производство. И врз основа на тоа, ја креиравме апликацијата која што беше достапна во јавноста и до сите производители во Македонија. Така во утврдениот рок добивме доволен број на апликации и сега сме во фаза на избор на компанија која што ќе биде предмет, односно ќе бидат тема на работа на младите креативци. Компаниите што влегоа во потесниот избор ги посетивме за да видиме за каков тип на производство се работи, како ги пакуваат своите производи и каков тип на амбалажа и етикети користат. Откако направивме едно подетално скенирање на компанијата особено во ние елементи од работењето што се важни за нас, Управниот одбор и Skopje Design Week ги разгледуваа фактите и одлучивме дека најмногу во приказната се вклопува компанијата Јоми фоод од Велес. Тоа е компанија која постои осум години на пазарот, а продава 80% на домашниот и 20% на странски пазари. Кај нив најмногу се истакна потребата од бреднирање на слатката што ги имаат во нивниот асортиман. Што е најважно, менаџментот на компанијата има голема желба да промени нешто токму во делот на брендирањето и создавањето на препознатливи производи. По изборот на компанијата ќе следи изработка на креативен бриф за млади креативци кои врз основа на тоа ќе имаат време до септември да создадат креативна идеја за претставување на македонското слатко.
Преку ова движење, сакате да ја подигнете свеста и за вредноста на домашниот производ и домашниот бренд. Колку е тоа важно за една држава како Македонија?
Целта е да се подигне свеста на креирање на домашни брендови, на силни производи со додадена вредност кои што ќе останат забележани од страна на потрошувачите и кои што ќе го затворат тој економски круг внатре во националната економија, при тоа давајќи отпор на општата глобализација и се поголема пенетрација на производи од надвор. Основно за развојот на економијата во секоја земја е што поголемо производство и што поголема вредност по глава на жител, која што може да се добие само ако се произведува и се продава. Ако тоа го правите, мора да почнете од својата земја па да се ширите понатаму. За среќа, Македонија има успешни приказни и има компании кои што навреме започнале во инвестирање на своите брендови и кои што имаат силна поврзаност, или бренд лојалити со купувачите, но тоа не е доволно. Од друга страна, сакаме да дадеме поттик на компаниите да размислуваат во друг правец, да работат повеќе за себе, а помалку за други. Да работат под свои брендови и таа додадена вредност помеѓу цената на реалното чинење и цената на пазарното чинење на производот што е чистата добивка, да останува кај нас. А третиот сегмент е импулсот кој го даваме на креативната индустрија, кон младите луѓе кои што треба својата креативност да ја направат применлива. Тоа што креативноста сама по себе е фина не е доволно, таа треба да носи и комерцијален бенефит. Да биде во функција на нешто и да му даде поголема вредност на обичниот производ. Кога ќе ги споиме сите тие три елементи, неминовно доаѓаме до зголемување на потрошувачката на македонските национални производи, a со тоа и раст на економските параметри, на вкупната економија и на одреден сектор поединечно. Оттука, нашата Змбиција е да дадеме само поттик за што поголем број на чинители во економскиот сегмент и во општеството, да влезат во оваа приказна, да ја прифатат како своја и како исклучително важна за развојот на нашата економска стабилност и напредок во иднина од која што сите впрочем живееме. Нашата цел е да веруваме дека Македонија може да биде конкурента и преку човечки потенцијал и преку услуги и производи што ги нудиме, оти овој проектот е спојка на човечки потенцијал кој сам по себе е конкурентен споен со македонски производ. Сакаме да покажеме дека македонските производи можат да бидат со ист квалитет, изглед и додадена вредност како и секој друг производ во глобалниот пазар.
Освен создавање на бренд, за негова поголема продажба и влијание на пазарот многу важна е промоцијата. Колку во Македонија се посветува внимание на ова?
Од осамостојувањето до денес има голем напредок. Со текот на годините компаниите сфаќаат дека тоа е единствениот излез од анонимноста. Модерниот потрошувач, особено младите генерации не се навикнати да купуваат анонимни производи. Тоа е таа генерација која што сака да знае што е тоа што го купува и таа генерација станува доминантна во потрошувачкиот сегмент. Има голем напредок во делот на инвестирање на промоција на производите, но таа не е доволна. Затоа што, ако се направи анализа на пазарот ќе се види дека најпопуларни производи не се македонски, туку се производи кои што влегуваат во Македонија од други земји. Нашата амбицијата не е да бидеме доминантни во секој сегмент, туку во оние сектори каде де факто имаме производно портфолио. Сметам дека се уште недостасува она вистинската стратешка промоција. Можеби имаме добар резултат на сегментирана промоција, но таа не дава резултати на долг рок затоа што не се пристапува стратешки кон креирање на таа комуникација со потрошувачите. Зошто вие кога работите една комуникациска платформа за одреден бренд, таа мора да се движи според некаков правец на подолг временски рок. Што е брендот? Брендот е производ кој има некакви емоционални поврзувања со потрошувачот. Од една страна има одредени карактеристики кои се значајни само за него и го издвојува од другите конкурентски производи на пазарот. Значи има своја единствена продажна карактеристика зошто е добар во однос на другите. Тоа што се забележува како тренд кај македонските компании кои инвестираат на промоција е дека тоа не го прават на стратешко ниво. Вие морате брендот да го комуницирате на сличен начин на подолг временски период давајќи му слични карактеристики, за тој на свесно и посвесно ниво, кај потрошувачот буди некакви емоции и желба да биде купен. Доаѓа генерација која што сака да ги има нештата на дофат. Тоа е резултат на високата пенетрација на интернетот, каде што е се достапно. Таа генерација ќе сака и производите да ги има на дофат.
Кои се следните чекори на вашата фондација?
Движењето е формирано неколку месеци пред овој разговор. Нашата цел е поддршка на креативноста која што има одредена функција во општеството, да се создаде брендирање на македонските производи. Ние ќе продолжиме во тој правец оти тоа беше и мисијата на Иво Лауренчиќ додека работеше во креативната индустрија како основоположник на маркетингот во земјава, но размислуваме и за други проекти и приближување на креативноста и до помладите генерации. Размислување надвор од кутијата, креативното размислување го прави животот поубав. Во суштина сакаме да дадеме придонес, особено кон младите да научат или да почнат да размислуваат дека не треба да се биде во стегите кои секојдневието ни ги дава, туку да излеземе надвор од тоа и да направиме друг предизвик.
Освен иницијатор на ова движење, вие сте и пионер во создавање на ПР секторот во Македонија, во услови кога јавноста уште не знае што точно значи фразата „односи со јавност". Од денешна перспектива колку има напредок во оваа сфера и на какво ниво, според вас, денес се одвиваат комуникациите меѓу разните чинители во општеството?
Во суштина, ако погледнеме не само во нашата земја туку глобално, светот почива на комуникации. Политиката почива на комуникации, економијата почива на комуникации, професиите почиваат на комуникации. Имате исто ниво на обученост на адвокати или економисти и лекари, но тие што се подобри комуникатори и што знаат подобро да го спакуваат тоа што го продаваат, имаат подобро име и повеќе се барани. Во тој контекст сегментот односи со јавност и комуникацискиот менаџмент, светот го познава многу одамна и тој е применет уште од пред историјата, со градењето на големите пирамиди. Самите религии се еден тип на односи со јавноста. Кај нас како професија се појавува пред 15-тина години, но нејзиното вистинско значење сме го имале и претходно, само што не било дефинирано како струка, како пракса од односи со јавност. Тоа што може да се каже кога ќе се свртиме наназад,е дека ова поле веќе ја добива својата професионална рамка, ние се уште ќе учиме како ПР професионалци за етичките стандарди кои се дозволени. Тука се уште не е изграден патот по кој што е дозволен да се оди за нас како професионалци. Се уште не се до крај разграничен спинот од односите со јавноста, или пропагандата од односите со јавноста кои што во суштина се многу различни нешта. Се развива индустријата на односни со јавност, тоа е неспорно. Бенефитите, компании ги гледаат ја осознаваат моќта на комуникациите и сметам дека таа понатака уште повеќе ќе се развива, но основниот предизвик на ПР професионалците во Македонија е да се почитува тоа што значи етички стандарди и посветеност на она што го работиме. Доколку тоа не биде патот кој што ние како професионалци ќе го одбереме колективно, тогаш може да се случи бумеранг ефект, а тоа значи недоверба во професијата која се обидуваме да ја поставиме на некакви принципи во овој момент.
Кои се следните проекти и цели на вашата агенција Имиџ ПР?
Нашите следни цели, иако ние не сме ги поставиле на хартија, и не сме ги забележале за да бидат достапни во јавноста е да се едуцираат следни генерации, ПР професионалци, комуникатори, кои ќе сфатат што е суштината на оваа работа; кои што ќе разберат дека работат за клиентот и клиентот е ѕвезда, а не ПР професионалецот; кои што ќе бидат подготвени да ги следат етичките норми и кои што во рамките на јавниот интерес ќе ги штитат интересите на своите клиенти. Притоа таквите поединци не се луѓе кои што завршиле одреден факултет и со тоа се добри ПР професионалци или комуникатори, туку тоа е склоп и мешавина на повеќе сегменти кои што треба да ги поседува една личност за да може да се каже дека е навистина ПР професионалец. Во тој контекст е нашата следна цел, и секој од нас во Имиџ ПР кој е со години во оваа професија, наоѓа начин како да едуцира, како да ја сподели вистината, за да сите понатаму да имаме едни посериозни основи и струката да биде вистински разбрана од пошироката јавност.