Чудесниот сон на едно прекрасно патување наречено живот, исполнето со многу уникатни и трајни дела. Човекот кој се плашеше од просечност, а секогаш создаваше уникатност и неповторливост. Создавачот на брендови исполнети со приказна и трајни вредности. Човекот кој самиот беше неповторлив бренд со трајна вредност.
Иво Лауренчиќ – човекот за кој немаше невозможни проекти, а неговото визионерство, креативност и професионализам добија повеќе од 50 домашни и меѓународни награди и признанија.
Во текот на својата богата кариера создаде над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија. Повеќето негови дела добија антологиски карактер и денес се урнек за врвни достигнувања.
Луѓето со кои работеше за него велат дека е бескомпромисен перфекционист, но и одличен и искрен пријател кој знае да ги цени и почитува луѓето. Велеше дека за да се биде успешен во оваа професија, мора да го негуваш детето во себе и да не дозволиш еден дел од твојата душа да порасне. Тоа дава елан, енергија и храброст... Млад во духот… до самиот крај.
Сплиќанец, случајно роден во Шибеник, живее во Белград, а работниот век го помина во Белград, Загреб и Скопје. Како син на познатиот актер Јозо Лауренчиќ, своето детство и младост заедно со својата фамилија ги поминува во Белград, каде што неговиот татко работи како професор во Академијата за глума во Белград и како актер во Jугословенско народно позориште. Иво го поминува своето детство на театарските штици и филмските снимања со татко му кои оставаат длабок печат врз целиот негов понатамошен живот.
И навистина, животот на Иво Лауренчиќ, и откако многу рано го загуби својот татко, продолжува како театарска приказна.
Завршува Филмска академија во Белград, работи во фотолабораторијата на Тито, ја продолжува својата кариера во тимот кој работи на филмовите „Огледалото на граѓанинот Покорни“ и „Сервисна станица“, реализирајќи неколку значајни телевизиски проекти. По само четири години работа во Радио-телевизија Белград, како многу млад е назначен за директор на Втората програма. Правичен и секогаш коректен со луѓето со кои работи, незадоволен е од принципот на работа во кој сите се платени исто, независно од вложениот труд. Во тогашниот комунистички систем, самостојно креира систем на наградување според тоа кој колку работи. Природно за тоа време, Работничкиот совет носи одлука за негова смена. Ваквиот пристап кон луѓето и кон соработниците во текот на неговата професионална кариера секогаш остана ист. Професионалниот труд вреди и треба да се награди, често повторуваше.
По неговата смена од местото директор на Втората програма
на РТВ Белград, Лауренчиќ ја продолжува својата кариера како слободен филмски уметник, снимајќи документарци и работејќи како помошник-режисер, меѓу другото, на проектите „Петрин венец“, „Мајстори, мајстори“, „Сивиот дом“, „Со грло во јагоди“... заедно со тогашната плејада на филмски работници.
Серијата документарци за јадранските острови „Илјада камени бродови“, кои и денес имаат култен документаристички статус, може со право да се нарече негово антологиско дело. Велеше: „Мојата идеја е секој остров да има своја приказна, раскажана низ животот на обичниот човек“. Серијалот тогаш го купија речиси 150 телевизии во светот. Карактеристично во неговиот израз беа естетиката на деталите и нивната визуелизација. Овој правец остана запишан во учебниците по режија.
Со негов потпис беше и видеоизразот за последната песна на „Евровизија“ во поранешна Југославија, која во 1990 г. се одржа во Загреб. Зад тогаш популарната Тајчи и целата еуфорија што се случуваше околу евровизиското шоу стоеше и Иво Лауренчиќ.
Додека работи на сите овие проекти, го усовршува својот сенс за маркетинг – како комерцијалниот така и политичкиот.
Во Македонија доаѓа сосема случајно пред 20 години, по покана на тогашниот директор на „Пивара Скопје“, г. Светозар Јаневски, во периодот кога „Пивара Скопје“ станува дел од глобалните „Хајнекен“ и „Кока кола“. Под слоганот „Боите на мојата земја“ и „Скопско и сѐ е можно“, „скопско“ стана бренд и македонска гордост. Паралелно со развојот на „скопско“, Лауренчиќ ја развива маркетиншката агенција „Идеа плус“, по урнекот на „Идеа плус“ од Белград која веќе успешно работеше во Србија. Набрзо агенцијата „Идеа плус“ - Скопје стана школа за маркетинг во Македонија, факт на кој Иво Лауренчиќ беше особено горд, бидејќи сакаше да ги поттикнува младите на креативност, знаење и самодоверба.
Ја сакаше Македонија и нејзината душа, така и го создаде еден од првите филмови по нејзиното осамостојување „Ден во Македонија“. Не глумеше дека не знае да зборува македонски, но го осмисли и реализираше серијалот од 1.060 емисии „Говорете македонски“ за Македонската државна телевизија. Беше и креатор и реализатор на кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица постојам“. Токму оваа кампања доби прва награда на фестивалот ФЕСТО во Хрватска.
Сакајќи да ги поттикне и другите уметници и креативци да создаваат свои сопствени дела, ја режираше култната театарска претстава „Кутрите мали хрчки“, како и серијата „Од денес за утре“ која се емитуваше во Македонија во 16 епизоди. Едноставно, секогаш размислуваше за нешто ново и поинакво.
Развојот на политичкиот плурализам во регионот е нераскинлив дел од активностите на Лауренчиќ. Првите професионални политички кампањи изработени во Македонија беа со потписот на Иво Лауренчиќ. И не само во Македонија туку и во Црна Гора, Србија, Хрватска, Република Српска... Искуствата од политичкиот маркетинг, заедно со неговиот тим на соработници, го преточи во книгата Потрага по глас, преведена на српски и македонски јазик, со каталогизација во библиотеката во Вашингтон.
Неговата посветеност и ентузијазам во тоа што го работеше беа интензивни во текот на целата негова професионална кариера, со истата енергија и жар, како и на почетокот. Добитник е на две награди за животно дело, една во Србија во 2004 година од Здружението на економските пропагандисти основано во 1960 година и една во Македонија во 2011 на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.
Неговите дела несомнено ќе останат инспирација за многу генерации, а тие што го познаваа и што имаа чест да работат со него ќе раскажуваат за неговата неисцрпна енергија, ентузијазам и посветеност.
Човекот што се плашеше од просечност, никогаш и во ништо не беше просечен. Веруваше во луѓето и секогаш велеше дека мора да им се прости на сите и да се продолжи. Секогаш сакаше да ја види само добрата страна на секој човек, а за него секој човек беше добар.
Иво Лауренчиќ е поим за шармер и светски човек. Го живееше својот живот со огромна брзина, живеејќи го својот сон...